КИНОТЕКАТА УТРЕ ЌЕ ДЕЛИ БЕСПЛАТНИ КНИГИ И ДВД ИЗДАНИЈА, ЌЕ ИМА И ТУРА НИЗ ДЕПОАТА КАДЕ СЕ ЧУВА ФИЛМСКОТО НАСЛЕДСТВО

    КИНОТЕКАТА УТРЕ ЌЕ ДЕЛИ БЕСПЛАТНИ КНИГИ И ДВД ИЗДАНИЈА, ЌЕ ИМА И ТУРА НИЗ ДЕПОАТА КАДЕ СЕ ЧУВА ФИЛМСКОТО НАСЛЕДСТВОЦел октомври е посветен на заштитата на филмското наследство, неговата промоција и подобрување на условите во кое се чува од заборав и уништување. (Фото: Кинотека)

    Кинотеката утре (петок) од 11 до 15 часот ќе дели бесплатни кинотечни печатени и ДВД изданија, а ќе има и организирана тура низ просториите и депоата на институцијата која се грижи за националното аудиовизуелно, односно филмско наследство, во чест на 27 Октомври, Светскиот ден на аудиовизуелно наследство.

    Дел од изданијата на Кинотеката ќе добие и публиката на проекциите на македонските филмови „Те дуа, жими мене“ во режија на Марјан Гавриловски (18 часот) и „М“ на Вардан Тозија (20 часот).

    Од Кинотеката велат дека цел октомври е посветен на заштитата на филмското наследство, неговата промоција и подобрување на условите во кое се чува од заборав и уништување, а заради негова достапност до граѓаните.

    „Неодамна беше проширен и реновиран просторот во кој се чуваат изданијата и библиотечниот фонд на Кинотеката и дел од легатот на македонскиот режисер Димитрие Османли, а излезе и книгата ‘Документарниот филм и идентитетот’ на м-р Сунчица Симоновска-Веселиновска што ќе биде промовирана наскоро. Македонската кинематографија во овој месец беше преставена пред црногорската, хрватската и српската публика, во издвоени настани, а филмовите на Браќата Манаки влегоа во официјалната програма на Фестивалот на архивски филм кој се одржа во Тбилиси, Грузија“, вели Кинотеката.

    Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три ипол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова, и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира