Четири и пол месеци по вонредните избори, црногорскиот парламент ноќеска ја избра новата влада, што ќе ја предводи лидерот на Движењето Европа сега (ПЕС), Милојко Спајиќ. За новата влада гласаа 46 пратеници, а 19 беа против.
Ова уследи откако за спикер на парламентот беше избран лидерот на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Андрија Мандиќ, во согласност со договорот на новото парламентарно мнозинство. Според него, сојузот на Мандиќ ќе ги поддржува одлуките на малцинската влада на Спајиќ, а на крајот на следната година ќе влезе и во извршната власт.
Запрашан колкаво влијание ќе има Белград врз работата на новата влада, Спајиќ одговори „нула“.
„Исто толкаво влијание Белград имаше и врз формирањето на владата. Едвај чекаме да направиме резултат за нашата земја“, додаде Спајиќ.
Покрај ПЕС, новата влада ја сочинуваат и Демократска Црна Гора, Социјалистичка народна партија и коалиција на албански партии.
Спајиќ вети дека владата во целост ќе го спроведе пакетот реформи „Европа сега 2“, кој подразбира и зголемување на просечната плата на 1.000 евра.