Честите поплави кои ја зафаќаа Општина Јегуновце и големите штети кои ги предизвикуваа не би требало повеќе да се повторуваат. Со средства од владата на Швајцарија преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и со кофинансирање од Министерството за животна средина, започнаа градежните работи за регулирање на Вардар во Општина Јегуновце.
Со отстранување на вегетацијата и градежниот и комуналниот смет од речното корито кај селото Туденце беше означен почетокот на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, со кој ќе се исчисти коритото на Вардар и на тој начин ќе се спречи негово излевање при обилни дождови.
„Ова е проект за намалување на заканите и ризиците од природни катастрофи, а пред сè од поплавите во Полошкиот Регион, со кои во изминатиот период сериозно се соочувавме. Една од мерките за намалување на ризиците од поплави е санација на речните корита, а тоа подразбира чистење на речното корито од градежен шут, комунален и кабаст отпад, како и чистење на вегетацијата која го попречува текот на реката. Проектот повеќе ќе биде фокусиран на чистење на речното корито, а цемент и малтер ќе има само на одделни најкритични делници. Оваа активност ќе се спроведува во вкупна должина од 17 километри од речното корито на Вардар од кои 8.5 километри се во општина Јегуновце, а остатокот е во Општина Гостивар. За оваа намена швајцарските донатори одвоија 1,2 милиони долари, а реализацијата ќе оди преку Министерството за животна средина“, изјави министерката за животна средина Каја Шукова.
„Ова е голем ден за жителите на Општина Јегуновце кои тие долго време го очекуваа. Со реализацијата на овој проект и со завршувањето на сите фази, ризиците од поплави во овој регион ќе се сведат на минимум“, вели градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски.
На почетокот на реализацијата на проектот присуствуваше и претставник на швајцарската влада.
„Овие интервенции се дел од планот за управување со ризици од поплави во горниот тек на Вардар, а УНДП го разви согласно европската директива за справување со поплави. Од оваа интервенција најголем бенефит ќе имаат околу 3.000 жители во Општина Јегуновце и 10.000 жители од Гостивар“, истакна Армен Григоријан.
З. АНДОНОВ