ПО ДЕВЕТ ГОДИНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГРАДБАТА, ГОТОВИ СЕ ФАСАДАТА И КРОВОТ НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ

    ПО ДЕВЕТ ГОДИНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГРАДБАТА, ГОТОВИ СЕ ФАСАДАТА И КРОВОТ НА ТУРСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕФасадата е изградена од стакло и метал, со елементи карактеристични за ориентот. (Фото: К. Попов)

    Завршуваат последните активности околу изградбата на фасадата и кровот на новата зграда на Турскиот театар во Скопје, со кои објектот ќе биде целосно затворен, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката Ајлин Емин-Скоро. Објектот, кој се наоѓа во населбата Пролет близу железничката станица, почна да се гради пред девет години, а следна е фазата за внатрешни инсталации.

    „Архитектонскиот израз е пронајден во примената на современи градежни материјали кои го обвиткуваат објектот – стакло и метал, софистицирано аплицирани во форма на двојна структурална фасада, која е  геометриски и колоритно третирана со транскрипција на елементи карактеристични за ориентот.
    Објектот на Турскиот театар во Скопје е замислен да функционира како културен центар за приближување и промовирање на турските култура и традиција кон секојдневниот живот на градот и државата. Затоа тој претставува комлексна целина која во себе го интегрира театарот со сродни функции, како што се галерија, мала сала, национален ресторан, културен инфо-центар и слично, со цел  да се овозможи зголемен интерес за посета на објектот“, вели директорката.

    Објектот е замислен да функционира како културен центар за приближување и промовирање на турските култура и традиција кон секојдневниот живот на градот и државата. (Фото: К. Попов)

    Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов, кој е автор и на објектот на Филхармонијата. Театарот има две сали, голема со 329 места и мала со 120 места. Функционално, објектот е на седум нивоа, од кои пет надземни и два подземни.

    Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

    Скопскиот Турски театар е единствениот театар на Балканот кој опстојува 73 години како национална установа поддржана од Министерството за култура, кој претставите ги игра на турски јазик надвор од границите на Турција. Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија. Претходно, Турскиот и Албанскиот театар со години заедно работеа во Театарот на народностите во скопската Стара чаршија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира