Железничката станица во Богомила, која е нова и реновирана, е празна. Нема ниту патници, ниту возови. Откако неодамна МЖ Транспорт го редуцираше патничкиот железнички сообраќај од и кон Битола од три на еден воз дневно, станицата е место на мир и спокој.
„Немаме воз, немаме автобуси, нема комбиња. Станавме како Мариово, отсечени од светот. А, регионот на Азот е во срцето на Македонија. Имаме потреба за лекарски специјалистички преглед, а како да стасаме до Прилеп, Велес, Скопје. Таксистите бараат 1.500 денари до Велес, а пензиите знаеме колку се големи. Лошо е. Ни ја пресекоа гранката на животот. Не можеме ни по лек да отидеме“, вели возрасна жителка на селото Теово.
И жителите на селата Богомила, Бистрица, Согле и Теово имаат мака да стигнат до Велес или Прилеп. Мештаните велат дека редовно можеле со утринскиот воз да заминат на пазарење во Прилеп и попладне да се вратат. Сега, единствениот воз кој патува кон Скопје е во 4:50 часот, а попладне кон Прилеп и Битола е во 16:20 часот.
„Отсекогаш жителите на Богомила и овој дел патувале со воз. Не така одамна, пред 30 години, имавме седум патнички воза на ден. Тука беа и експресниот Битола-Љубљана и ‘Пелагонија експрес‘ Битола-Скопје. Имавме локал кој наутро возеше од Богомила до Велес, оти голем број луѓе оттука работеа и уште работат во Велес. Имаше 60 до 80 месечни билети за работници. Не знам како сега стасуваат вработените на работно место. Никогаш не сме имале редовна автобуска линија до Велес оти не беше исплатлива. Покрај воз никој не се качуваше во автобус“, вели возрасен жител на Богомила.
Железничката станица во Богомила беше реновирана во 2018 со средства од ЕУ, но нема патници оти нема возови.
П. ПЕЧКОВ