По 18 часа заврши заложничката драма на аеродромот во Хамбург, во која беше вклучено и четиригодишно дете, објави полицијата. Таа почна синоќа околу 20 часот кога автомобил, во кој се наоѓаа двајца луѓе, упадна на пистата и се паркираше под авион на „Туркиш ерлајнс“.
„Возачот се предаде без да дава отпор. Изгледа дека детето не е повредено“, кажаа од полицијата.
Властите кажаа дека заложничката ситуација била предизвикана од спор околу старателство, откако сопругата на 35-годишниот маж пријавила во полиција дека тој ја киднапирал нивната четиригодишна ќерка. При излегувањето на пистата тој двапати истрелал во воздух и фрлил запалени шишиња.
„Тој не се согласувал со некои одлуки на службите околу старателството и сакал да отпатува за Турција со детето“, изјави претходно портпаролката на хамбуршката полиција Сандра Лефгрун.
Заложничката криза доведе до затворање на аеродромот и до откажување на голем број полетувања и слетувања.