До 8 ноември (среда) се продолжува рокот за аплицирање на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во култураѕа за 2024. Министерството за култура соопшти дека наместо до денес, како што беше најавено, конкурсот ќе трае до 8 ноември до 23:59 часот, поради техничките проблеми кои настанаале поради преоптоварување на системот.
„Нагласуваме дека во последните 24 часа пристигнаа над 800 пријави и апелираме да не се чека последниот момент за да избегнеме попречување во аплицирањето од технички аспект“, вели Министерството.
Пријавувањето на Годишните конкурси се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги.
Конкурсот почна на 3 октомври, а на 2 ноември министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека до тогаш, пристигнале само околу илјада апликации. Лани, до крајот, пристигнале 3 илјади апликации.
Оваа година новитет се креативните индустрии како нова линија, а даден е приоритет и на стратешкиот дијалог со САД, на Отворен Балкан, на млади артисти, нови креативни идеи, уникатни идеи, но не изостанува и традицијата.
„Ги возобновуваме креативните индустрии, кои се поддржуваа до 2017. Тоа значи дека во Предлог-буџетот за 2024 ќе се отвори нова програма, со посебни финансиски средства. Овој посебен конкурс се однесува само на областите и активностите кои се дел од креативните индустрии, кои не се опфатени со други конкурси и кои досега немале можност да бидат финансирани. Креативните индустрии стануваат битен двигател на економиите, креираат нови работни места, носат профит, но се и промотори на културниот идентитет. Поставувањето на нова буџетска програма која ќе ги поддржи креативните индустрии е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија“, кажа министерката на 3 октомври.