Најновото возило во битолската подружница на „Македонија пат“ е старо 12 години, а останатите камиони и машини во функција се 25 до 30 години. Директорот Веселинчо Спасевски признава дека најголемиот проблем во расчистувањето на патиштата им ги задаваат дефектите на застарената механизација.
„Единствен проблем ни се дефектите заради старата дотраена механизација и секојдневно ги поправаме што би се рекло во од, посебно нашите стари камиони. Најновото возило ни е 12 години, а другите ни се од 25 до 30 години. Следната година очекуваме нова механизација и кадровски да се подмладиме. Организационо сме спремни и искуството на вработените придонесе да функционираме во вакви енормно лоши услови“, рече Спасевски.
Од подружница на „Македонија пат“ велат дека во битолскиот регион се проодни сите патни правци од прв и втор приоритет. Утрово не беше прооден патот за Пелистер поради новите снежни врнежи, но од претпријатието велат дека сега е исчистен.
„За Пелистер до хотел ‘Молика’ неколку пати се проби нашиот камион, не е проблем да се искачат возила, но само со зимска опрема. Истото важи и за ски центарот ‘Нижо поле’, патиштата се проодни во зимски услови. Да не очекуваат граѓаните дека сега се летни услови. Возилата мора да носат зимска опрема“, вели Спасевски.
Од „Македонија пат“ во Битолскиот регион одржуваат 1.400 километри магистрални и регионални патишта. Досега на оваа патна мрежа фрлиле 1.000 тони сол и 2.000 метри кубни абразивен материјал. Денес го пробиваат и патот кон Мариово.
Ж. Здравковска