ДОСЕГА СТИГНАА 25 ПРИЈАВИ ЗА ЛЕКОВИ ЗА РАК, МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА, ХЕМОФИЛИЈА И КАРДИОВАСКУЛАРНИ БОЛЕСТИ ЗА СТАВАЊЕ НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА, ВЕЛИ МЕЏИТИ

    ДОСЕГА СТИГНАА 25 ПРИЈАВИ ЗА ЛЕКОВИ ЗА РАК, МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА, ХЕМОФИЛИЈА И КАРДИОВАСКУЛАРНИ БОЛЕСТИ ЗА СТАВАЊЕ НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА, ВЕЛИ МЕЏИТИПристигнатите апликации до овој момент, се однесуваат за лекови на оригинаторните компании, што претставуваат иновативна, но истовремено и скапа терапија, а се наменети за употреба исклучиво во болнички установи. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Во Министерството за здравствo пристигнаа апликации за ставање на лек на позитивна листа, кои ги покриваат индикациите на малигните болести, мултипла склероза, кардиоваскуларните болести и хемофилија, кажа денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.

    Говорејќи на Втората годишна конференција за здравство во организација на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам), министерот рече дека апликациите, 21 за лекови и четири за нутриенси, веќе се евалуираат од стручната комисија, која почна со работа во септември и интензивно одржува состаноци.

    Пристигнатите апликации до овој момент, рече тој, се однесуваат за лекови на оригинаторните компании, што претставуваат иновативна, но истовремено и скапа терапија, а се наменети за употреба исклучиво во болнички установи, додека две апликации се поднесени за примарната листа.

    Како што објави агенцијата МИА, Меџити потсети ставањето на лек на позитивна листа на лекови е процес, кој повторно доби свој нов почеток оваа година откако се донесоа измени во два системски закона и се донесе новиот Правилник за позитивна листа. . Во согласност со националните прописи донесувањето на Листата на лекови е во надлежност на Управниот одбор на Фондот, а предлогот со ранг листа на лековите кандидати за Листата е на стручната комисија за лекови, формирана од министерот за здравство.

    Министерот појасни дека за овие лекови стручната комисија спроведе прелиминарно бодирање по критериумите што треба да ги оцени и се очекува, во согласност со правилникот, во април наредната година да биде спроведено првото рангирање на лековите-кандидати на Листата кои што имаат фискално влијание врз буџетот на Фондот.

    Министерот додаде дека за 2024, од Фондот до Министерството за финансии се побарани дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа.

    Тој рече дека постапката за ставање на лекови на позитивна листа е отворен и транспарентен процес, со јасно поставени критериуми што се оценуваат од страна на комисијата и утврдена табела со висина на бодови што се доделуваат за секој поединечен критериум кај секој лек. По однос на добиените бодови, во постапката, компанијата има можност да даде свои забелешки откако ќе добие известување од комисијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира