Министерството за правда испрати комисија за надзор на работата на судовите во Основниот суд Кавадарци, каде што ќе изврши надзор во работата на АКМИС системот за распределување предмети.
Претседател на Кавадаречкиот суд е Лазар Нанев, за кого министерот за правда Кренар Лога претходно неделава кажа дека има сериозни наводи за нарушен интегритет и го разреши од од позицијата претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, но и од член на советот. Истовремено, Лога побара од Судскиот совет да поведе постапка за одговорност за Нанев.
„Како што и досега повеќе пати имам изјавено така и сега стојам на ставот дека Министерството за правда и јас како министер нема да дозволиме во работни тела, совети и комисии кои се под состав или надлежност на ова Министерство, да членуваат лица за кои постојат сериозни индиции за нарушен интегритет. Имајќи го предвид фактот дека претседателот на Основниот суд Кавадарци е член и досегашен претседател на Советот за ИКТ, заради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, сè до утврдување на целосната фактичка состојба во која е неопходно итно постапување и од страна на Судскиот совет ја информирам јавноста дека со Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Советот за ИКТ, која ја донесов денеска, судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци е ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет“, кажа Лога на 6 ноември.