Израелската војска објави видео и фотографии кои наводно покажуваат складирано оружје на Хамас во подрумот на детската болница во Газа, велејќи дека тука се чувале и заложници. Портпаролот на војската Даниел Хагари изјави дека пронашле заповеден центар полн со оружје и експлозиви под болницата „Рантиси“.
„Исто така, пронајдовме знаци дека Хамас тука држел заложници. Ова моментално се истражува. Хамас ја стави целата оваа област под своја контрола и од болницата водеше војна против Израел“, изјави Хагари.
Вооруженото крило на Хамас соопшти дека е подготвено да ослободи до 70 жени и деца кои се држат како заложници во Газа во замена за петдневно примирје.
„Им кажавме на катарските посредници дека во петдневно примирје можеме да ослободиме 50 заложници, најмногу 70, зашто тие се држат од различни фракции“, изјави портпаролот на Бригадите Ал-Касам, Абу Убадија.
Израелските тенкови вчера беа позиционирани и пред најголемата болница во Газа, „Ал-Шифа“, во која и натаму се наоѓаат повеќе од 650 пациенти кои чекаат да бидат евкуирани.
Додека продолжува со својата копнена офанзива, Израел тврди дека Хамас се крие меѓу цивилите и ги користи болниците за свои цели, сместувајќи заповедни центри во тунелите под нив. Хамас и властите во Газа го негираат ова.
Мохамед Абу Селмија, директорот на болницата „Ал-Шифа“, изјави дека во изминатите три дена починале 32 пациенти, вклучувајќи три предвреме родени бебиња.
„Има преговори за евакуација за предвреме родените бебиња, но досега ништо не се случи“, кажа Селмија.