Оваа година во Македонија, речиси идентично како оние и не толку далечни неколку години кога паралелниот увоз на инсулини во државата направи сеопшт хаос во балансот на глукорегулацијата на над 40.000 лица на инсулинска терапија во државата, можеме да ја оцениме како една од најтешките години за лицата со дијабетес, вели Наташа Деспотовска-Димитриевска од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“, во чест на 14 Ноември, Светскиот ден на дијабетесот.
Денес во светот 537 милиони лица живеат со дијабетес. Во Македонија има околу 120 илјади лица со поставена дијагноза дијабетес. Од нив, приближно 45 илјади се на инсулинска терапија.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2022 , бројот на новодијагностицирани болни со дијабет изнесува 7,737 случаи. Еден од 10 возрасни луѓе во светот има дијабетес. Над 90% имаат дијабетес тип 2. Скоро половина сѐ уште не се дијагностицирани.
Деспотовска, заедно со Тања Шатановска и Душко Јанев, во текстот за сајтот Инсулинска порта, потенцираат дека доцнеа и доцнат набавките на медицински помагала, глукомери, кои се основа за контрола на оваа состојба.
„Лицата со дијабетес скоро една година се принудени самите да си ги купуваат и покрај државната програма за нивна достапност за секој еден пациен на инсулинска терапија. Од Министерството за здравство и од министерот Фатмир Меџити јавно беше истакнато дека овој проблем се надминува и ќе биде целосно решен набргу. И не само тоа, Меџити исто така истакна дека набргу ќе се разгледаат и барањата од стана на пацинтите и пациентските организации за надминување на овој проблем еднаш, а засекогаш, со воведување на референтна цена за овие помагала и нивна дистрибуција до лицата со дијабетес преку ‘обичните’ аптеки, во секое време, секогаш, во координација со Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Што секако, за нас, пациентите, е иделно решение. Овој тип на достапност на ленти и глукомери и нивна дистрибуција до корисниците е решение во сите други држави во регионов. И што е најважно, супер функционира. Секако, она пак што би сакале да го истакнеме и е за пофалба, е тоа дека конечно и во Македонија, а по долгогодишна упорност и заложба на пациентските организации, станаа достапни дооолго очекуваните и бараните сензори за безболно, континуирано следење на гликемија. И тоа, за децата и адолесцентите, на товар на буџетот“, велат тие.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), повеќе од половина милијарда луѓе ширум светот живеат со дијабетес. Дијабетесот ги афектира мажите, жените и децата од сите возрасти во секоја држава. Се предвидува дека оваа бројка ќе се зголеми двојно, односно до 1,3 милијарди луѓе во следните 30 години, при што секоја држава ќе забележи драматичен пораст.
Дијабетот е хронично метаболно заболување, кое се карактеризира со покачено ниво на глукоза во крвта, поради недостаток или нарушена секреција на инсулин од панреасот. Покаченото ниво на шеќерот во крв доведува до сериозно оштетување на срцето, крвните садови, бубрезите, очите и нервите. 100 години после откривање на инсулинот, милиони луѓе со дијабет ширум светот немаат пристап до соодветна нега.
Б. НЕСТОРОСКА