Еден од осудените учесници во убиството на руската новинарка Ана Политковскаја добил помилување зашто се борел во Украина, изјави неговиот адвокат Алексеј Михалчик. Сергеј Хаџикурбанов беше осуден на 20 години затвор на судењето во 2014, но Михалчик сега изјави дека тој бил помилуван од претседателот Путин откако отслужил шест месеци во војската.
Тој беше еден од петтемина мажи осудени за убиството на Политковскаја, истражувачка новинарка и гласна критичарка на војната во Чеченија, која беше застрелана во лифтот во својата зграда. Таа работеше за весникот „Новаја газета“ и се прослави со својата истрага за руските злосторства во Чеченија.
Хаџикурбанов беше прогласен за виновен за обезбедување логистичка поддршка за убиството, што го изврши Рустам Махмудов, кој е осуден на доживотен затвор.
„Како поранешен специјалец, тој доби покана да потпише договор за учество во специјалната воена операција. Откако договорот му истече, беше помилуван со претседателски указ“, изјави Михалчик.
Руското министерство за одбрана продолжи да регрутира затвореници за да се борат во Украина и по расформирањето на платеничката група „Вагнер“.