По неколку недели неизвесност и преговори, лидерот на Социјалистите, Педро Санчес, доби доверба во парламентот да ја води Шпанија како премиер уште четири години. Тој обезбеди мнозинство во парламентот откако се согласи да им даде амнестија на Каталонците вклучени во неуспешниот референдум за независност.
Конзервативната Народна партија победи на изборите во јули, но нејзиниот лидер Алберто Нуњес Феихо не успеа да формира коалиција.
Санчес кажа пред пратениците дека амнестијата ќе помогне да се зацелат раните. Противниците на договорот сметаат дека амнестијата на стотици политичари и активисти е закана за територијалното единство на Шпанија и би можела да поттикне нов обид за сецесија. Минатата недела, илјадници луѓе протестираа против договорот, а Феихо го обвини Санчес дека му се поважни личните интереси од националните.
„Обидите да се доведе во прашање легитимноста на оваа влада се дел од еден глобален тренд. Видовме и во САД, Бразил и во други земји како десницата и крајната десница не ги прифаќаат резултатите од изборите“, кажа Санчес.
Покрај две каталонски партии кои се залагаат за независност, Санчес доби поддршка и од левичарската платформа Фумар и од сепаратистичка баскиска партија.