Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, е избран за нов член на Одборот на директори на Американската стопанска комора (AmCham), која претставува платформа за вмрежување, размена на искуства, споделување на најдобрите деловни практики и за застапување на интересите на нејзините членки.
„Алкалоид“ е член на Американската стопанска комора од 2000 и еден од нејзините патрони од 2013. Компанијата активно учествувала во многу комитети и работни групи на AmCham и заедно со неа има поддржано и учествувано на многу значајни настани во земјава,
„За мене членството во Одборот на директори на AmCham претставува нова можност да придонесам за иницирање и промовирање позитивни промени во непосредното деловно опкружување, но и за да поттикнам подобрување на деловната клима и унапредување на условите за одржлив развој“, истакна Мукаетов.
Во Одборот на директори на AmCham на годишното собрание се избрани и Иван Костиќ, генерален директор на „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“, Александра Ивановска, генерална директорка на „Рош Македонија“ и Душан Митрев, генерален директор на „Пивара Скопје“.
Мрежата на „AmCham“ низ Европа брои 46 подружници.