Искусниот антиисламски популист Герт Вилдерс се движи кон драматична победа на денешните парламентарни избори во Холандија, покажуваат излезните анкети.
По 25 години во парламентот, неговата крајнодесничарска Партија за слободата би можела да има 35 пратеници и голема предност во однос на најблискиот ривал, алијансата Зелени-Лабуристи. Ако овие резултати бидат потврдени, тоа ќе донесе големи промени во холандската политика, но Вилдерс би можел да има тешка задача да пронајде партнери за формирање влада.
Левичарската алијанса на Франс Тимерманс е на второто место според излезните анкети со 25 места во парламентот, додека првичниот фаворит ВВД, чиј претходен лидер Марк Руте ја водеше земјата како премиер цели 13 години, е на третото место.