Тајланд објави дека 12-мина негови државјани се ослободени од Хамас, додека израелските медиуми кажаа дека од заложништво е пуштена и група жени и деца, кои му се предадени на Црвениот крст. На тој начин почна да се исполнува договорот од четиридневното примирје помеѓу Израел и Хамас, кое стапи на сила утрово.
Црвениот крст дополнително потврди дека денеска биле ослободени 13 израелски граѓани, 10 Тајланѓани и еден Филипинец.
Тајландскиот премиер Срета Тависин не даде други информации за пуштените тајландски државјани, чие ослободување не беше меѓу условите од договорот за размена на затвореници.
Согласно договорот за првото примирје од почетокот на војната, Хамас денеска требаше да ослободи 13 жени и деца кои ги држеше во заложништво од 7 октомври. При нивното пуштање асистираа Црвениот крст и египетски безбедносен тим. За возврат, Израел денеска ќе пушти 39 Палестинци од своите затвори, од кои 24 жени и 15 тинејџери.
Планирано е за овие четири дена да бидат ослободени 50 заложници и 150 палестински затвореници. Израел понуди дополнителен ден примирје за секои нови ослободени десет заложници. Палестински извори кажаа дека до крајот на месецот би можеле да бидат ослободени околу 100 заложници.