Кина објави дека не се пронајдени необични или нови патогени во кластерот случаи на пневмонија кај деца, соопшти Светската здравствена организација.
Болниците во Пекинг и во северна Кина се борат со пораст на респираторни заболувања кај децата, додека земјата влегува во првата зима без строгите ковид мерки, кои конечно беа укинати пред речиси една година. Заболувањата наликуваат на грип, па СЗО побара од Кина повеќе информации за „кластерот недијагностицирана пневмонија кај децата“.
Пневмонија е општ медицински израз со кој се опишуваат инфекции или воспаленија на белите дробови, што можат да бидат предизвикани од разни вируси, бактерии и габи.
„Кина нѐ извести дека не се откриени необични или нови патогени и дека порастот на респираторните заболувања на северот на земјата се должи на повеќе познати патогени. Од октомври, Кина бележи пораст на заболувања налик на грип споредено со истиот период во последните три години. Овој пораст се случува порано во сезоната од вообичаено, но не треба да чуди, имајќи го предвид укинувањето на ковид мерките“, објави СЗО, додавајќи дека ова се случувало и во други земји, меѓу кои и САД.
Од детската болница во Пекинг кажаа дека просечно имаат повеќе од 7.000 пациенти дневно, а рекордот бил постигнат во најголемата детска болница во соседниот град Тијанџин, каде што биле примени повеќе од 13.000 пациенти.