Претседателката на собраниската Анкетна комисија за скандалот во Онкологија Рашела Мизрахи на денешната седница претстави заклучоци од работата на комисијата, со кои се утврдува политичка одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, поранешните медицински и економски директор на Онкологија Нино Васев и Нехат Нухиу, поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова и кај поранешните директори на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
Мизрахи рече дека клучен документ кој ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година.
Но, членовите на комисијата од СДСМ не се согласуваат со заклучоците, за кои велат дека се заклучоци само на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателката Мизрахи. Тие на прес-конференција побараа оставка од претседателката на комисијата Мизрахи.
Анкетната комисија е надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.
Собранието на 5 септември го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се формира Анкетна комисија за утврдување на одговорност за политичките и здравствените функционери по обелоденетиот скандал со криминал во Клиниката за онкологија и радиотерапија. Во Анкетната комисија учествуваат 14 пратеници, од кои шест од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, два од ДУИ и еден од Алијанса за Албанците. Анкетната комисија треба да му поднесе конечен извештај на Собранието за еден месец од завршувањето на својата работа.
Формирањето на анкетната комисија дојде откако Јавното обвинителство отвори истрага по наводи за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија. Пациенти болни од рак и нивните семејства протестираа и бараат правна разврска на случајот.