Полицијата приведе пет лица и обезбеди едно возило во врска со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, кажа денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, без да открива понатамошни детали.
Ѓорчевска исчезна во понеделникот наутро на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало.
„Низа на криминалистички истражни мерки се преземаат во изминатиот период со цел да се утврдат сите факти, кои ќе ги соопштиме во момент кога треба да бидат соопштени. Синоќа доцна во ноќта се работеше исто така интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возилo, со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај“, кажа Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања на настан во Куманово
Спасовски вели дека предвременото соопштување на информации ѝ прави проблем на полицијата, но дека очекува случајот да се реши набрзо.
Вчера, Спасовски кажа дека посебен штаб од СВР Скопје работи заедно со родителите, познаниците, пријателите и соучениците на исчезнатото девојче и дека се вклучени стотици полициски службеници кои деноноќно работат на овој случај.
„Преку 50 камери односни места каде што има камери се преземи и прегледани, целосно е во функција системот безбеден град, сите податоци од телекомуникациските операторите се земени, сослушани се десетици и десетици лица од кои се земени податоци и информации во однос на целиот овој настан. Преземени се електронски уреди од семејството и девојчето, кои се вештачат и веќе имаме одредени податоци од овие уреди кои можат да бидат од корист на истрагата и целата оваа постапка“, рече вчера министерот.