ПУБЛИКАТА ЈА ОБОЖАВА „СТЈУАРДЕСИ“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА ПРЕТСТАВАТА КОЈА СЛАВИ 10 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА

    ПУБЛИКАТА ЈА ОБОЖАВА „СТЈУАРДЕСИ“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ТЕАТАР КОМЕДИЈА ЗА ПРЕТСТАВАТА КОЈА СЛАВИ 10 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА„'Стјуардеси' е единствена жива претстава во земјава која влегува во својата единаесетта репертоарска година“, вели директорот Спасов. (Фото: Театар Комедија)

    Претставата „Стјуардеси“ на режисерот Синиша Евтимов во Театар Комедија денеска слави 10 години на сцената. Премиерата на претставата беше на 6 декември 2013 и досега е изведена 154 пати, и е најизведувана претстава, ни рече директорот Дарко Спасов.

    „’Стјуардеси’ е единствена жива претстава во земјава која влегува во својата единаесетта репертоарска година. Публиката ја обожава, има префинет јазик, има многу смеење и интелигентен хумор. Театар Комедија го живее своето златно доба“, ни изјави Спасов.

    Во претставата играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски-Тино, Жаклина Петровска, Кристина Ласовска, Тања Мицков, Марија Кондовска, Ева Скендеровска, Нина Деан, Маја Љутков. Сценографијата и костимографијата се Илина Ангеловска.

    Спасов ни рече дека на 12 декември Театар Комедија и Турскиот театар од Скопје ќе имаат премиера на нивната прва копродукциска претстава „Демнејќи го Годо“, работена според истоимениот драмски текст од словенечкиот писател и драмски автор Драго Јанчар. Премиерата на претставата ќе биде на малата сцена на Театар Комедија. Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу.

    „Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023. Годината ќе ја затворат со премиерата на „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40. претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011.

    Директорот најавува дека на 21 декември, ќе има промоција на книгата „Етика – Уметноста на глумецот и режисерот“ од Станиславски, издание на Театар Комедија.

    „Етиката ќе биде новогодишен подарок од Театар Комедија за актерите и режисерите од театрите во Македонија“, вели Спасов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира