Компанијата „Кепс маунт груп“ побара нова еколошка Б-дозвола од Општина Велес за дислокација на згурата, која се наоѓа на депонијата близу некогашната Топилница. Иако во претходните четири години, од октомври 2019 до септември 2023, извезе само 500 тони, таа бара нова дозвола за да продолжи да работи. Екологистите од Велес се противат „Кепс маунт груп“ да добие нова дозвола поради досегашната неактивност.
„Во последнава година, компанијата доби зелено светло од Министерството за животна средина за дробење и ситнење на троската. И покрај сето ова, до денес се извезени помалку од 500 тони троска. Бидејќи проценките се дека на депонијата има околу два милиона тони отпад, значи за четири години тие не се ни почнати со работа. Поради ова, нашиот став е дека не треба да се даде нова дозвола“, рече Олгица Наумоска од ЕД „Вила Зора“.
Екологистите велат дека треба да се најде посериозна компанија која ќе ги исполни обврските. Идентично е мислењето на ЕГ „Зелена сила“.
„Бидејќи компанијата не ги исполни ветувањата од претходниот период и основната дејност за која ја доби Б-интегрираната дозвола, илузорно е вторпат да ѝ се даде така сериозна задача – отстранување на децениското загадување. Посебно што се бара рудник за експлоатација на минерали, како што стои во барањето“, кажа Даниела Јовановиќ од „Зелена сила“.
Од „Кепс маунт груп“ објаснуваат дека ја следат законската обврска за продолжување на Б-интегрираната еколошка дозвола во утврдениот рок. До Општина Велес поднеле барање за доделување нова, со објаснување зошто толку мало количество згура е отстрането од депонијата во изминатите четири години.
„Концесионерот по добивањето на дозволата започна со подготвителни рударски активности и во 2019 пријави прва експлоатирана и продадена количина на суровина. Бидејќи таа единствено може да се извезува од државата, во периодот на ковид-кризата извозот беше отежнат, а во голем дел и невозможен, па така Владата со уредба ги одложи обврските на концесионерите за период до крајот на важење на кризата. И покрај ваквите услови, концесионерот отстрани и изврши извоз на суровина. При натамошното експлоатирање на суровината, на просторот на кој се наоѓа троската се наиде на големи количини шут, песок и отпад, дури и од органско потекло, а во длабочина се наиде и на големи блокови троска, кои се создале под притисокот на натрупаниот материјал. За таа цел, Министерството за економија издаде дозвола за изведување рударски работи според дополнителен рударски проект од 1 ноември 2022“, соопштија од „Кепс маунт груп“.
Јавната расправа за влијанието врз животната средина, како дел од постапката за добивање на Б-интегрираната дозвола, е закажана за средината на декември.
По основ на продадени количини троска, според Министерството за економија, концесионерот за 2019 има платено 1.385 денари, за 2020 – 5.523 денари, за 2021 – 1.716 денари, а за 2022 година – 4.400 денари.
На почетокот на работата на српската компанија во 2019 беше најавено дека згурата ќе се извезува во Малезија, потоа велеа во Турција, па последната информација беше за Србија. Депонијата има 6-10% цинк, олово 2,2-3,4%, железен оксид 25%, а има и арсен и кадмиум. Тие се опасни и токсични елементи, но инвеститорот вели дека се со скромно присуство од околу 0,01% и не биле слободни туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.
Стручњаците предупредуваа дека со секој ветер дел од депонијата и тешките метали се разнесуваат до Велес, а нејзината близина до Вардар ја прави опасна. Депонијата со згура е една од десетте црни еко-точки во Македонија.
П. ПЕЧКОВ