Во тек е процес на надградба на електронски систем за поголема безбедност на автопатиштата и во поголемите градови, каде што ќе можат електронски да се утврдуваат сообраќајните прекршоци. Ова го рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната работна средба со раководството на СВР Штип и на Регионалниот центар за гранични работи-Исток.
Тој нагласи дека секаде каде што има видеонадзор се бележи подобрување на безбедносната состојба.
Според Спасовски, СВР Штип е еден од поголемите, но и подобри сектори во земјата, кој во текот на оваа година бележи намалување на криминалитетот за 19 проценти споредбено со истиот период лани. Има намалување во бројот на кривичните дела и од познат и од непознат сторител.
„На нашата источна граница, која со петте гранични премини е во надлежност на Регионалниот центар за гранични работи-Исток, фреквенцијата на патници е зголемена за 10,2 проценти, при што границата ја поминале 1,8 милиони луѓе, од кои 45 проценти на граничниот премин Деве Баир. Регистрирани се само два обида за нелегално минување на границата од страна на пет лица. На македонско-грчкиот дел на границата, кој е во надлежност на истиот регионален центар, имаме намалување на обидите за илегално минување на границата за 74,5 проценти. Откриени се 57 настани на криумчарење мигранти и илегално минување на државната граница и притоа се откриени 206 мигранти. Минатиот месец, на планината Беласица беше фатена група која криумчарела 85 килограми марихуана“, рече Спасовски.
Т. ЈОВАНОВСКИ