Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) изработи база на медиумско сопствеништво во која влегуваат 11 телевизии, пет радија, 13 онлајн медиуми и пет весници. Во изминатите шест месеци, тимот на БИРН со помош на експерти и во соработка со Глобалениот медиумски регистар собираше јавно достапни податоци за медиумите, сопствениците, нивните бизниси, луѓето од интерес, компаниите и финансиските резултати.
Според методологијата на Глобален медиумски регистар, во базата „Мониторинг на медиумско сопствеништво“ се вклучуваат по 10 највлијателни медиуми од секој вид – телевизија, радио, печат и онлајн медиуми. Условите кои треба да ги исполнат е да се присутни на национално ниво, да објавуваат политички содржини, а за печатените медиуми да излегуваат редовно и без прекини.
„Поради специфичноста на нашиот пазар, во македонската база бројката на вклучени медиуми е поинаква, па кај некои типови таа е помала од предвидените десет. Така на пример, во неа се наоѓаат сите пет радија кои го исполнуваа условот да зрачат на национално ниво, сите пет печатени медиуми кои излегуваат без прекин и десетте национални телевизии кои се највлијателни. Изборот на онлајн медиумите се правеше врз основа на податоците за читаноста од три различни извори, а условот беше порталот да се најде барем во два од нив“, кажа Ана Петрушевска, директорка на БИРН Македонија.
Во базата на медиумско сопствеништво во категоријата онлајн медиуми се наоѓа и редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК.
А. АНТЕВСКА