Системот за рано предупредување за исчезнати деца во Македонија „Најди ме“, на кој мајката на убиената 14-годишна скопјанка Вања Ѓорчевска го пријави уште веднаш нејзиното исчезнување, стана дел од семејството на Амбер алерт заедницата. Денеска и официјално беше промовиран веб-сајтот „Најди ме“ од носителот на проектот, невладината Новинари за човекови права. Оваа невладина организација го изработи сајтот пред околу две години, со финансиска и секаков вид поддршка од Австрија.
Следната фаза е веб-страната „Најди ме“ да се поврзе со бизнис заедницата, за да може деца, многу бро по нивно евентуално исчезнување, со сите неопходни информации за препознавање да се појавуваат на секој банкомат, за да може таксистите да ги добиваат тие информации преку диспечерите, потоа да стигнуваат во автобусите на ЈСП итн, што ќе овозможи за многу кратко време да се пренесат податоците за исчезнатото лице до последното делче во општеството.
„Важно е да се направат договори со бизнис заедницата, со ЈСП, со порталите, медиумите. Почнуваме со исчезнати деца, но се постави прашањето што со исчезнатите возрасни? Па така, има можност за проширување на сајтот. Пријавата за исчезнатото лице кај нас не се гледа веднаш на сајтот. Податоците веднаш де праќаат до МВР, каде се почнува со оперативен дел. Информацијата ја чекаме да дојде повратно, со дозвола да објавиме. Како што беше за Вања“, кажа Филип Сприровски од Новинари за човекови права.
Авторот на веб-страната „Најди ме“ на презентацијата кажа дека првите час-два се најважни по исчезнувањето на едно лице.
„На сајтот на МВР ги има овие лица, ама не можете да ги споделите. Со договор на невладината и МВР, објавата на ‘Најди ме’ за исчезнатото дете ја споделуваат социјалните мрежи, агрегати за вести, бизнис заедницата, целото општество. Важно е да се знае дека објавуваме само по конкретна пријава во МВР. Без пријава во МВР, не објавуваме информација за исчезнато дете“, кажа авторот на страната.
Помошник- министерот за внатрешни работи Тони Ангеловски потенцираше дека секоја пријава прво детално ќе се проверува во полиција. За да не ни се случи „украдено бебе“, а всушност бебето не било ни родено.
„За објава на системот ‘Најди ме’, се разбира, ќе треба дозвола и од семејството. Ние и за на нашиот сајт на исчезнати лица бараме дозвола од семејството. Ако немаме, не објавуваме фотографија и податоци за исчезнатото лице. Кога се пријавува исчезнато лице, кажете сè што знаете. И најнебитната информација која така ви се чини, може многу да помогне“, кажа Ангеловски.
Личните податоци на веб-страната „Најди ме“, се криптирани и заштитени од злоупотреба.
С. К. ДЕЛЕВСКА