ИЗЛОЖБА ЗА 90 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА РИСТО КАЛЧЕВСКИ ВЕЧЕРВА СЕ ОТВОРА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ

    ИЗЛОЖБА ЗА 90 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА РИСТО КАЛЧЕВСКИ ВЕЧЕРВА СЕ ОТВОРА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМКалчевски важи за еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност. (Фото: НГМ)

    Изложба во чест на 90 години од раѓањето на уметнико Ристо Калчевски (1933-1989) ќе се отвори вечерва во 19:30 часот во Даут пашин амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ).

    Кураторки на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова, кустос советник и Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос.

    Тие велат дека одбележувајќи го 90-одишниот јубилеј од раѓањето на Калчевски,  еден од најзначајните толкувачи на неформалната практика во македонската ликовна уметност, нивна цел е интегрално презентирање на неговото богато творештво.

    „Дефинирајќи го како еден од најзначајните претставници на енформелот кај нас, појавата на Ристо Калчевски се случува токму во еден период особено значаен за македонската ликовна сцена, средината на 1950-тите години од минатиот век, односно во услови кога слободата на уметничкото творештво станува незапирлив процес во осовременувањето на ликовниот израз. Тој ѝ припаѓа на генерацијата ликовни уметници образувани на некои од југословенските ликовни академии. За прв пат неговите дела биле изложени пред јавноста по дипломирањето во 1957 , на една групна изложба во Прилеп. Критичката јавност овие дела ги дефинира како плод на синтетичкиот кубизам, во кои е евидентна ‘карактеристична скратена пиктурална еволуција’“, велат тие.

    Првата самостојна изложба 1961 (заедно со Драгутин Аврамовски-Гуте) го дефинира веќе неспорно како автор чие творештво му припаѓа на апстрактно сликарство.

    „Неговите слики се апстрактни, но без видлива агресивност. Тие содржат извесна нежност, како резултат на нијансирањето на монохромните површини. Воочливо е дека кај Калчевски сликата е резултат на умерена автоматска постапка и аналитички аспект’“, велат кураторките.

    Изложбата ќе трае до 29 февруари 2024.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира