ПОЧИНА БИЗНИСМЕНОТ СИЛЈАН МИЦЕВСКИ, ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА И ПОЧЕСЕН СРПСКИ КОНЗУЛ

    ПОЧИНА БИЗНИСМЕНОТ СИЛЈАН МИЦЕВСКИ, ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА И ПОЧЕСЕН СРПСКИ КОНЗУЛМицевски најголемиот дел од својата кариера ја помина на чело на ГП „Пелистер“. За градоначалник на Битола беше избран во 1996 година на непосредни избори. (Фото: РК Еурофарм Пелистер)

    На 78 години почина познатиот битолски стопанственик Силјан Мицевски, поранешен градоначалник на Битола, директор на Градежното претпријатие „Пелистер“, српски почесен конзул и основач и поранешен претседател на Ракометниот клуб „Пелистер“.

    Мицевски најголемиот дел од својата кариера ја помина на чело на ГП „Пелистер“. За градоначалник на Битола беше избран во 1996 година на непосредни избори како кандидат од редовите на СДСМ.

    Беше и хуманист, па помагаше голем број активности на битолчани кои даваа придонес за развојот на градот.

    Гаеше голема љубов кон ракометот и даде голем придонес за развој на битолскиот ракомет.

    Од РК „Еурофарм“ објавија дека со Мицевски како претседател „Пелистер“ стана југословенскки гигант, се бореше со најдобрите европски екипи И дојде на чекор до титула во најсилната лига во светот – југословенската лига, првпат играше во Европа, првпат заигра во Лигата на шампионите, освои пет титули шампион на Македонија и ја предизвика страста на цел еден град за ракометот. Љубовта кон вистинските вредности и спортот ја пренесе на неговото семејство, кое и денес со успех го води клубот.

    Силјан Мицевски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „4-ти Ноември“ во 1979 година, наградата „Интернационална ѕвезда – златна категорија“ доделена во Париз 2003 г., престижното признание „Личност на Југоисточна Европа“ за 2016 година кое му беше врачено на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин, а во 2016 година му беше доделено државното знаме на Република Србија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира