МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ПРВИТЕ 10 ЗЕМЈИ ВО СВЕТ ПО ИСПУШЕНИ ЦИГАРИ ПО ПУШАЧ, 30 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ПОЧНУВААТ СО ПУШЕЊЕ НА 14 ГОДИНИ

    МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ПРВИТЕ 10 ЗЕМЈИ ВО СВЕТ ПО ИСПУШЕНИ ЦИГАРИ ПО ПУШАЧ, 30 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ПОЧНУВААТ СО ПУШЕЊЕ НА 14 ГОДИНИСпоредбено се земјите од Европа, Македонија сѐ уште ги има најниските цени по кутија цигари што воедно ги прави и најдостапни за популацијата независно од возраста. (Фото: СДК.МК)

    Македонија е една од првите 10 држави во светот по испушени цигари по пушач, покажува анализата на „Аналитика тинк тенк“, кои се занимаваат со истражување и застапување поврзани со контролата на тутунот.

    Резултатите од нивните две критички анализи за даноците за тутун и започнување со пушење кај младите, покажаа дека високи 48,40% од македонските граѓани се најголеми конзуматори на тутунот во споредба со жителите од Југоисточна Европа каде просекот на пушење е 22,30%.

    Споредбено се земјите од Европа, Македонија сѐ уште ги има најниските цени по кутија цигари што воедно ги прави и најдостапни за популацијата независно од возраста.

    „Од здравствен аспект студиите покажуваат дека зголемување на акцизата носи здравствени придобивки, намалување на бројот на пушачи од 3.000 до 48.000 пушачи и сериозно намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето“, велат од „Аналитика“.

    Статистиките за младите пушачи од 12 до 15 години изнесуваат 12,4 отсто. Високи 30% од нив обично започнуваат со пушење на возраст од 14 години. Според истражувањето 80 отсто од младите пушачи не биле спречени да купуваат цигари поради возраста односно поради достапноста на цигарите и не-ценовните политики во државата како и дека цената на цигарите има влијание врз одлуката на младите да започнат со пушење.

    „Затоа неопходно е државата да најде инструмент кој дестимулативно ќе влијае врз пушењето. Неколку од нив се зголемување на акцизите и на цената на цигарите, затоа што ќе послужат како ефикасна мерка во борба против пушењето, намалување на достапноста која може да придонесе за намалување на преваленцата на пушење, зајакнување на имплементацијата на политиките за контрола на тутунот кои го забрануваат пушењето, на јавни места, и кои ќе го ограничат пристапот до тутунски производи за малолетните ученици, но и медиумски кампањи за едукација на родителите за штетните ефекти од пушењето и важноста да се биде здрав пример за своите деца, едукативни и здравствени предавања во наставните програми во училиштата за едукација на младите за негативните ефекти од пушењето, и масовни медиумски кампањи на владата кои ја нагласуваат важноста за живеење здрав живот и живот без чад за целото општество“, велат од „Аналитика“.

    Додаваат дека ја поздравуваат неодамнешната изјава на министерот за здравство Фатмир Меџити, во врска со претстојните строги мерки против пушењето што треба да се спроведат во 2024 година. Меџити на 25 декември беше во тетовската Клиничка болница, каде присуствуваше на промоција на соба за доење, а како одговор на новинарско прашање какви мерки ќе се преземат поради големото загадување на воздухот и сè поголемиот број проблеми кои ги имаат луѓето со респираторни заболувања.

    „Ќе има ригорозни мерки за пушењето во идната 2024 година и потпишан протокол со Светска здравствена организација. Нека си ја мислат пушачите како понатаму“, рече Меџити.

    На денешниот брифинг со медиумите, министерот апелираше дека граѓаните треба и да ги менуваат навиките.

    „Мора превентивно да се влијае, особено кога станува збор за пушењето, бидејќи со тоа, покрај грижата за сопственото и туѓото здравје, се влијае и врз тоа колку болестите врз кои влијаело и пушењето, ја чинат државата“, кажа министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира