Почина писателот Александар Поповски, поет, романописец и автор за деца, соопшти Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Имаше 91 година.
Поповски е автор на дваесетина дела за деца и возрасни, меѓу кои романите „Лето во Славино“ и „Правоаголен круг“, збирката кратка проза за деца „Еден ден војна“, како и на три антологии.
Студирал книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје и светска книжевност на Универзитетот во Љубљана. Работел како новинар во Радио Скопје, „Трудбеник“ и „Вечер“, како и во „Детска радост“, како главен и одговорен уредник на „Развигор“. Потоа беше главен и одговорен уредник на издавачката дејност „Александар и Александар“ во Скопје.
Член е на ДПМ од 1962. Добитник е на две награди на РТВ Скопје и на признанието „Младо поколение“. Во 2016 ја доби книжевната награда за деца и млади „Ванчо Николески“.