Македонски уметници создаваат дела инспирирани од традицијата и археолошкото наследство на земјава, преку проектот „Трајни културни вредности“ на „Халкбанк АД Скопје“. Проектот почна пред две години, а досега се создадени повеќе од 30 уметнички дела, графики и дизајни.
„Секое уметничко дело, внесено како дел од новиот корпоративен бренд, беше доживено како приказна на вредност, станувајќи дел од нашата секојдневна рутина. Ова не беше само визуелност – тоа беше претворање на нашето наследство во визија, во секој аспект на нашиот живот. И во оваа приказна, вистинската вредност не беше само во самите уметнички дела, туку во начинот на кој тие нѐ обединија сите нас. Овој проект не беше само за ‘Халкбанк’, само за уметниците, туку беше за заедницата и за вредностите што остануваат трајни во времето“, вели Маја Наумовска-Савеска, директорка на корпоративни и маркетинг комуникации од „Халкбанк“.
Меѓу уметниците кои беа инспирирани од македонското културно наследство е и Ана Димчевска-Семенпеева, која вели дека на нашето тло има толку многу непресушени извори на трајни културни вредности, археологија, етнологија, историја, историја на уметност, навистина сме богати и не било воопшто тешко да се најде инспирација на оваа тема.
Проектот е во соработка со маркетинг агенцијата „Ефектива“, чиј основач Софија Семенпеева вели дека е многу значаен не само за „Халкбанк“, туку и за целото општество, овозможувајќи културните вредности да бидат интерпретирани со нов уметнички израз и преку нови медиуми, а со тоа да останат уште долго во наследство на многу генерации.
„Низ постојаната поставка на Археолошкиот музеј можат да се видат артефакти, богати, ретки, за почит. Дилемата за тоа колку ги почитуваме, колку познавања имаме, што е она што можеби треба да се популаризира, ме водеше во процесот на истражување, и одлуката. Ме воодушеви изложената Дијатрета. Ваква оплетена чаша, Дијатрета, е реткост во археолошката историја и се знае дека постојат само 70 низ светот. Една од нив се наоѓа во Македонија. Низ истражувачки процес дојдов до документирана фотографија од најдените наоди на деловите од стаклената чаша од римски период 4 век н.е. најдена на локалитет с. Селокуќи, Дебар. Создадов композиција на дефрагментација по моделот на чашата, низ графичка техника линорез со употреба на 3 бои со цел постигање на транспарентност на стаклените површни и раскошниот материјал на овој артефакт. Графиката е насловена ‘Дијатрета-дефрагментација’. Втората графика е посветена на богати бронзени предмети во гробен наод на т. н. Пајонска свештеничка која била дарувана како исцелителка. Тоа се предмети кои се богати во своите форми, сакав да ги разиграм и ги поставив асиметрично од другата целина на торзото на женската фигура. Ја насловив ‘Пајонски наоди’“, вели Дијана Томиќ, уметница која работеше на две дела.
Уметницата Ана Трајковска вели дека во триптихот од бронзеното доба „Сегменти од бронзено доба 1,2 и 3“ ја истражувала убавината и естетиката на македонските артефакти од бронзеното време. Користејќи ја сериграфијата како примарен медиум, се инспирирала од јапонската култура, поточно од концептот на кинтсуги. Овој традиционален метод за реставрација, вклучува употреба на златни листови за поправка на скршени предмети, ја нагласува филозофијата дека прифаќањето на недостатоците ја подобрува убавината на предметот.
„Во контекст на оваа филозофија, вметнав и златен лист во графичките прикази на македонски обетки и приврзок за појас, издигнувајќи ги несовршеностите во извор на визуелна привлечност. Динамичниот цртеж на фигурите се постигнува преку намерна употреба на повторување на печатот, создавајќи привлечна нарација која го слави трајниот шарм на античките артефакти“, кажа Трајковска.
Кристијан Јованоски е еден од уметниците кој беше вклучен во целиот процес. Потпишан зад корпоративниот дизајн на банката, вели: „Овој проект е од исклучиво значење поради можноста како дизајнер кој работи за клиент како ‘Халкбанк’, слободно да ја развива својата креативност, истражувајќи го минатото, од праисторијата, преку везовите на народните носии богати со фоклорни елементи, па сѐ до модерната уметност кај нас. Истовремено ми се отворија нови видици и нови откритија за цивилизацискиот развој на овие простори“.