ПОЧНА ДА СЕ КОРИСТИ ДАЛНОВОДОТ ВЕЛЕС-ОВЧЕ ПОЛЕ, СЕ ИЗГРАДИ ЗА ЕДНА ГОДИНА И ЧИНИ 2.3 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПОЧНА ДА СЕ КОРИСТИ ДАЛНОВОДОТ ВЕЛЕС-ОВЧЕ ПОЛЕ, СЕ ИЗГРАДИ ЗА ЕДНА ГОДИНА И ЧИНИ 2.3 МИЛИОНИ ЕВРАДалноводот 110 КВ ТС Велес-ТС Овче Поле, е со должина од 20,94 километри и е поставен на 83 столбови. (Фото: СДК.МК)

    Пуштен е во употреба новиот далновод кој ги поврзува трансформаторските станици Велес и Овче Поле. Изградбата започна на 18 декември 2022, во близина на селото Мамутчево, Велешко, а заврши во предвидениот рок, пред крајот на 2023. Ова е капитален инфраструктурен проект кој опфати изградба на нов далновод на постојната траса на далноводот кој датира од 1960.

    „Далноводот е изграден за точно една година и го пуштаме во функција на граѓаните и стопанството од Велешко-Светиниколскиот Регион, како дел од инфраструктурата неопходна за стабилно и доверливо снабдување со електрична енергија“, вели директорот на АД МЕПСО Зуди Енуз.

    Новиот далновод обезбедува сигурност во снабдувањето со струја за жителите и стопанството од Велешко, Светиниколско и Овчеполието. Истовремено, дава можност за приклучување на нови корисници во далноводната мрежа, како и интеграција на новите обновливи извори на енергија од биогасна електрана и ветерниците кои се веќе во функција. За пренос на таа електрична енергија потребен е стабилен систем и тоа се обезбедува со овој далновод.

    Далноводот 110 КВ ТС Велес-ТС Овче Поле, е со должина од 20,94 километри и е поставен на 83 столбови. Од нив целосно се заменети 56 бетонски и три челично решеткасти столбови и заменета е старата опрема. Инвестицијата е со вредност од 2,3 милиони евра, од кои дел се сопствени средства на АД МЕПСО, а дел се заем од ЕБОР. Изведувач на работите е Конзорциум на Далекувод Загреб и ЕЛНОС Бања Лука, а надзорот на градбата го вршеше Столб Битола.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира