По речиси три години барање, потрагата по исчезнатиот авион МХ370 на авиокомпанијата „Малезија Ерлајнс“ заврши без никаква трага од авионот, соопштија австралиските власти.
Координативниот центар на австралиската влада, којшто потроши 160 милиони долари на потрагата, соопшти дека таа е официјално прекината по завршување на финалната проверка на зоната.
„Авионот МХ370 на авиокомпанијата ‘Малезија Ерлајнс’ не бил лоциран во зоната од 120.000 километри квадратни во јужниот Индиски океан“, вели заедничкото соопштение на Малезија, Кина и Австралија, трите земјите вклучени во потрагата.
Во соопштението пишува дека потрагата „не успеала да го лоцира авионот“, иако имало напори од најврвни научници, технологија, како и совети и моделирање од најквалификувани професионалци.
„Поради овие причини, подводната потрага по МХ370 е прекината.“
Авионот исчезна на 8 март 2014 година за време на летот од Куала Лумпур до Пекинг со 239 патници, вклучувајќи го екипажот. Авионот се смета дека е потонат во Индискиот океан.