Патнички авион вчера изгуби дел од трупот додека бил во воздух, и мораше принудно да слета во американската сојузна држава Орегон. Авионот „боинг 737 макс 9“ на „Алјаска ерлајнс“ се врати во Портланд 35 минути по полетувањето за Калифорнија, откако отпадна надворешен дел, меѓу кој и прозорец. „Алјаска“ соопшти дека во авионот имало 177 патници и членови на екипажот и безбедно слетал.
Авиокомпанијата соопшти дека привремено ќе ги приземји сите 65 нејзини авиони „боинг 737 мaкс 9“ за да изврши инспекции. Во соопштението, извршниот директор на компанијата Бен Миникучи рече дека „Секој авион ќе биде вратен во употреба само по завршувањето на целосните инспекции за одржување и безбедност“. Тој ги пофали шесте членови на екипажот на авионот кој се искачи на над 4.876 метри кога започна со итно спуштање, според податоците за следење на летот.
Според фотографија на социјалните мрежи од надворешната страна на авионот, погодената област била во задната третина од авионот, зад крилото и моторите. Се чини дека делот од трупот на авионот е област што некои оператори на овој тип авион ја користат како дополнителна врата за итен излез, но не и „Алјаска ерлајнс“.
Американската федерална агенција за авијација потврди дека летот 1282 на „Алјаска ерлајнс“ „се вратил безбедно… откако екипажот пријавил проблем со притисокот“. „Боинг“ соопшти дека знае за инцидентот и „работи на собирање повеќе информации“. Националниот одбор за безбедност на транспортот потврди дека го истражува инцидентот.
„Боинг 737 макс“ се смета за „најпроверениот транспортен авион во историјата“ по низа безбедносни прашања и истраги. „Макс“ беше приземјен во март 2019 на година и пол, откако два од тој тип авиони се урнаа во слични околности, при што загинаа сите во него. За да лета повторно, секој авион „Maкс“ претрпе значителни модификации, иако промените не може да се видат однадвор и патниците нема да забележат никаква разлика.
Неодамна, „Боинг“ соопшти дека ќе го зголеми темпото на испораки на „737 мaкс“ откако ќе ја реши грешката поради која мораше да изврши долги инспекции на новите авиони и инвентарот, објави новинската агенција Ројтерс. Околу 1.300 авиони „737 мaкс“ се испорачани на клиентите, покажуваат податоците на „Боинг“.