СКОПЈЕ Е ОСМИ НАЈЗАГАДЕН ГРАД ВО СВЕТ, A СЕКАДЕ СЕ ПАЛЕА БАДНИКОВИ ОГНОВИ СО ПРИСУСТВО НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ

    СКОПЈЕ Е ОСМИ НАЈЗАГАДЕН ГРАД ВО СВЕТ, A СЕКАДЕ СЕ ПАЛЕА БАДНИКОВИ ОГНОВИ СО ПРИСУСТВО НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕИ покрај предупредувањата на невладините организации за заштита за животната средина, синоќа низ сите скопски населби се палеше традиционалниот Бадников оган. (Фото: К. Попов)

    Скопје денеска е меѓу десетте најзагадени градови во светот, односно, на 8. место на листата на платформата Ајкјуер ( IQAir )(Светски индекс за квалитет на воздухот).  Пред македонскиот главен град се Делхи (Индија), Пахор (Пакистан), Калкута (Индија), Хангџоу и Шангај во Кина. После Скопје, исто така се градови во Пакистан, Бангладеш, Индија и Кина.

    И покрај предупредувањата на невладините организации за заштита за животната средина, синоќа низ сите скопски населби се палеше традиционалниот Бадников оган, на сите палења учествуваа и градоначалниците на скопските општини.

    Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Македонија, влошениот индекс на квалитет на воздухот укажува на можноста дека некои поединци од пошироката јавност може да доживеат/почувствуваат одредени здравствени ефекти. Сепак, поединците кои припаѓаат на чувствителните групи, може да доживеат посериозни здравствени ефекти. Тоа се чувствителните групи на население: деца помлади од 5 години, постари граѓани (над 65 годишна возраст особено), бремените жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати.

    Оттаму, заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички), во моментите кога нивните концентрации се драстично зголемени, Институтот за јавно здравје препорачува:

    • Останете дома ако не треба да излегувате.
    • Останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото.
    • Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома.
      Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.
    • Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница.
    • Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација). Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено.
    • Не ги отворајте прозорците во вашиот дом.
    • Користете прочистувач на воздух (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни заболувања и мали деца и бремени жени).
    • Конзумирајте храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамин Ц и Е, бетакаротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира