Германскиот канцелар Олаф Шолц осуди состанок на крајната десница на кој наводно се разговарало за масовни депортации на луѓе. Германските медиуми објавија дека политичари од крајнодесничарската партија Алијанса за Германија (АфД) и неонацисти се сретнале во вила близу езеро во околината на Берлин, при што дискутирале за депортација на луѓе со негерманско етничко потекло, вклучувајќи германски државјани.
Шолц изјави дека никој не би требало да биде дискриминиран поради неговото потекло.
Истражувачкиот медиум „Коректив“ откри дека околу 20 луѓе присуствувале на овој состанок, што се одржал во ноември. Меѓу нив биле високиот функционер на АфД, Роланд Хартвиг, неонацисти од Германија и Австрија и двајца членови на Демохристијанскиот сојуз на Германија (ЦДУ). Тие најмногу разговарале за ремиграција, односно отстранување на луѓето со негерманско етничко потекло.
„Коректив“ извести дека немало приговори за планот, туку само сомнежи за неговата изводливост. Официјално, АфД ја отфрли идејата за ремиграција, иако пратеникот Герит Хуј кажа дека верува во оваа идеја со години.
АфД потврди дека Хартвиг присуствувал на состанокот, но негираше дека партијата ќе ја промени својата политика за миграцијата.