ОД ФЕВРУАРИ ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА НОВ НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА ЗА СОБИРАЊЕ НА СМЕТОТ ВО ТЕТОВО, ЌЕ СЕ НАПЛАЌА СПОРЕД ГОЛЕМИНАТА НА СТАНБЕНИОТ ПРОСТОР

    ОД ФЕВРУАРИ ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА НОВ НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА ЗА СОБИРАЊЕ НА СМЕТОТ ВО ТЕТОВО, ЌЕ СЕ НАПЛАЌА СПОРЕД ГОЛЕМИНАТА НА СТАНБЕНИОТ ПРОСТОРДосега во Тетово се наплаќаше ѓубрарина според бројот на членови во едно семејство. (Фото: СДК.МК)

    Преполни контејнери, дел од нив делумно или целосно искршени, а сметот расфрлан насекаде наоколу, ваквата секојдневна глетка по тетовските улици наскоро ќе ја снема, барем според најавите од Општина Тетово. Оттаму очекуваат од почетокот на февруари да почне со работа новото јавно претпријатие за менаџирање со комуналниот отпад со кое ќе раководи приватна фирма од Словенија. Се работи за јавно-приватно партнерство во кое словенечката фирма, со која општината склучи договор пред неколку месеци, и во него 51% ќе поседува фирмата од Словенија, а Општина Тетово ќе има 49% од сопственоста.

    „Фирмата ‘Оенеум’ треба да почне со работа од февруари. Требаше и порано да почне со работа ама ги чекаме потребни дозволи од Министерството за животна средина. Со почетокот на работата на новата фирма ќе се обезбедат и нови камиони за транспорт на сметот, а низ градот ќе се постават и нови контејнери за одложување на сметот. Ние деновиве бевме во Австрија и Словенија и видовме дека тие се многу силна фирма и таму многу добро менаџираат со отпадот. Очекуваме дека и во Тетово ќе успеат да направат промени кога е во прашање собирањето на сметот што ќе биде добро за сите граѓани“, вели Даут Мемиши, управител на фирмата „Оенеум“ која во ќе се работи со отстранувањето на сметот од Тетово.

    На својата последна седница Советот на Општина Тетово донесе одлука со која се смени начинот на пресметување на износот кој граѓаните го плаќаа за ѓубрарина, па наместо по член на семејство, сега наплатата ќе се пресметува според големината на станбената површина. Иако е направена промена на начинот на пресметката, од Општината велат дека сметките за вода, јавна чистота и ѓубрарина нема да се зголемат или тоа ќе биде во минимален износ.

    „Од февруари делот од комуналната сметка за ѓубрарина, наместо по член на семејство, како што беше до сега, ќе се пресметува по 3,2 денари по метар квадратен станбена површина. Според пресметките кои ги направивме, со новиот начин нема да има зголемување на цената на оваа услуга или тоа може да биде минимално. Мислам дека наплатата вака ќе биде пореална. Сепак и овие нови цени во наредните три до шест месеци ќе се анализираат за да се утврди дали се добри за граѓаните“, додаде Мемиши.

    Нов начин на пресметка се воведува и за правните лица. Тие ќе плаќаат 4,35 или 4,95 денари по метар квадратен во зависност од големината на субјектот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира