Ким Џонг Ун побара да се промени уставот на Северна Кореја во кој Јужна Кореја би била означена како непријателска држава број еден, со што би се ставил крај на посветеноста на Пјонгјанг кон обединувањето на корејскиот полуостров.
Во својот говор во севернокорејскиот парламент, Ким кажа дека веќе не верува дека обединувањето е можно и предупреди дека Северна Кореја нема намера да избегне војна ако таа се случи. Тој го обвини Сеул дека се обидува да го урне режимот во Пјонгјанг и да изврши насилно обединување.
„Уставот треба да се измени со цел Севернокорејците да се едуцираат дека Јужна Кореја е примарен и главен непријател и да ја дефинира територијата на Северна Кореја како одвоена од Јужна. Ние не сакаме војна, но немаме намера да ја избегнеме“, изјави Ким.
Тој додаде дека во случај на војна, Северна Кореја планира целосно да ја окупира и потчини Јужна Кореја и дека Јужнокорејците веќе не треба да се нарекуваат сонародници, повикувајќи на прекин на сите комуникации помеѓу двете држави и на уништување на споменикот на обединувањето во Пјонгјанг.
Тензиите на корејскиот полуостров се влошија во изминатите месеци, откако Пјонгјанг лансираше серија балистички проектили и својот прв шпионски сателит, додека продлабочувањето на односите со Русија предизвика загриженост кај САД и сојузниците. Во исто време, Северна Кореја го обвини Сеул за ескалацијата во регионот поради воените вежби и повиците за вооружување.