Алабама го погуби осудениот убиец Кенет Јуџин Смит со азотен гас, што беше првпат во САД да се користи овој метод на извршување смртна казна. Педесет и осумгодишниот Смит ги изгуби последните три жалби, од кои две до Врховниот суд, велејќи дека ваквата егзекуција е сурова и необична.
Смит беше осуден на смртна казна за нарачаното убиство на сопруга на проповедник во 1988 и Алабама пред две години се обиде да го погуби со смртоносна инјекција, но постапката беше откажана поради проблеми со опремата.
Според Информациониот центар за смртни казни, Смит е првата личност погубена со азотен гас на светот. Алабама и уште две американски сојузни држави го одобрија овој метод како алтернатива зашто лековите кои се користат во смртоносни инјекции станале потешки за наоѓање, што придонело да се намали бројот на извршени смртни казни на национално ниво.
Петмина новинари сведочеле на погубувањето на Смит, пренесувајќи ги неговите последни зборови:
„Алабама денеска го врати човештвото еден чекор назад. Ви благодарам што ме поддржувавте“, рекол Смит.
Сведоците забележале две до четири минути грчење и околу пет минути тешко дишење пред Смит да биде прогласен за мртов. Јавниот обвинител Стив Маршал изјави дека овој метод се покажал хуман и ефективен, додавајќи дека не се случило ништо неочекувано.
„По повеќе од 30 години обиди да го изигра системот, Смит конечно плати за неговите ужасни злосторства“, изјави гувернерката на Алабама, Кеј Ајви.