Техничката влада за спроведување на парламентарните избори на 8 мај треба да биде изгласана во Собранието на утрешната седница, откако денеска мандатарот Талат Џафери ги достави до пратениците програмата и составот на владиниот кабинет. Новиот претседател на Собранието Јова Митрески ја закажа седницата за утре, со почеток од 11 часот.
Во програмата, Џафери вели дека приоритет на оваа влада ќе биде успешно организирање на слободи, фер и демократски избори на 24 април и 8 мај, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.
Составот на техничката влада е без изненадувања, министрите се истите, освен во министерствата за внатрешни работи и труд и социјална политика, кои што ѝ припаѓаат на најголемата опозициска партија. ВМРО-ДПМНЕ ги предложи Панче Тошковски за министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.
По изгласувањето на техничката влада, утре во Собранието треба да се одржи уште една седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери.
Техничката влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори.