Сѐ уште никој не презеде одговорност за вчерашниот напад со дрон врз американска база близу границата со Сирија, кога загинаа тројца Американци, а најмалку 34 се ранети. Иран ја негираше вмешаноста во нападот, иако американскиот претседател Џо Бајден веднаш ги посочи радикалните проирански милитантни групи кои дејствуваат во регионот.
„Ќе одговориме на нападот“, порача Бајден.
Тој и Централната команда на американската војска кажаа дека била нападната малата база Кула 22, која се наоѓа во североисточен Јордан, додека од јорданската влада велат дека нападот се случил во Сирија, во соседната база Ал-Танф, оддалечена само 20 километри. Американски функционери кажаа дека дронот погодил станбени простории, поради што има така голем број жртви.
Иран ги негираше американските и британските обвинувања дека ги поддржува милитантните групи кои се обвинуваат за нападот.
„Таквите тврдења имаат специфилни политички цели да се сменат реалностите во регионот“, изјави портпаролот на иранското министерство за надворешни работи.
Околу 300 американски војници се стационирани во Кула 22. Најголем дел од повредените се војници. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека трупите во оваа база „работеле на траен пораз на Исламска држава“.
Од упадот на Хамас во Израел на 7 октомври, проиранските милиции ги нападнале американските воени бази во Ирак и Сирија повеќе од 150 пати, но до вчера немаше загинати.