КОЛКУ И ДА ТРАЕ ОВАА ВЛАДА, ЌЕ БИДЕ ВО СЛУЖБА НА ГРАЃАНИТЕ, КАЖА ЏАФЕРИ НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕТО НА ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА СО КОВАЧЕВСКИ

    КОЛКУ И ДА ТРАЕ ОВАА ВЛАДА, ЌЕ БИДЕ ВО СЛУЖБА НА ГРАЃАНИТЕ, КАЖА ЏАФЕРИ НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕТО НА ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА СО КОВАЧЕВСКИПримарната задача на оваа влада е подготовката и организирањето на слободни и фер демократски избор, кажа џафери. (Фото: К. Попов)

    Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ја презеде функцијата од Димитар Ковачевски во Владата, по вчерашниот избор во Собранието. На заедничката прес-конференција, Џафери кажа дека владата ќе функционира редовно и ќе биде транспарентна, без оглед на тоа колку ќе трае.

    „Без оглед колку ќе трае оваа Влада ве уверувам дека во ниту еден миг нема да отсуствува редовното функционирање, соработка и инклузивност во работата на Владата обезбедувајќи секој сегмент и Министерство да бидат транспарентни, отчетни и над се ефикасни во служба на граѓаните. Ние може да бидеме од различни провиниенции во овој владин состав, но има нешто што не се менува, ние сме таму благодарни на вас, вашиот легитимитет и штитење на вашите интереси, создавање на благосостојба на граѓаните“, рече Џафери, додавајќи дека примарната задача на оваа влада е подготовката и организирањето на слободни и фер демократски избори.

    Досегашниот премиер Ковачевски рече дека со досегашната и идната работа, во 2030 година Северна Македонија треба да стане земја членка на ЕУ.

    Вчера, Собранието со 65 гласа „за” ја избра техничката Влада со Талат Џафери како премиер. Во салата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но не гласаа, иако во техничката влада имаат двајца претставници. Имаше 3 гласа „против”, воздржани немаше.

    Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ е технички министер за внатрешни работи, а сопартиецот Ѓоко Велковски е технички министер за труд и социјална политика.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира