Претседателот Стево Пендаровски денеска одликуваше шестмина македонисти со Медал за заслуги за Македонија и тоа Златко Крамариќ, Зузана Тополињска, Јоуко Линдстет, Јежи Русек (постхумно), Кшиштоф Вроцлавски (постхумно) и Далибор Брозовиќ (постхумно).
Крамариќ се одликува за неговиот непроценлив придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, за неговата амбасадорска дејност во поврзувањето на македонските и хрватските научни институции, како и во приближувањето на Македонија кон евроатлантските иницијативи.
Тополињска се одликува за непроценливиот придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, како една од најактивните македонисти чиишто научни трудови се поттик за голем број домашни и странски научници.
Линдстет се одликува за неизмерниот придонес за македонскиот јазик и за македонската култура при што остави траен белег како еден од најистакнатите македонисти во скандинавските земји.
Русек постхумно се одликува за исклучителниот придонес во развојот и одржувањето на студиите по македонски јазик и литература на Универзитетот во Краков со што придонесе за афирмација на македонскиот јазик. Неговите научни трудови и конференции и денес претставуваат поттик за младите генерации на македонисти.
Вроцлавски постхумно се одликува за непроценливите заслуги за македонистиката и за посветеното проучување и истражување на македонскиот фолклор и на македонската народна раскажувачка традиција.
Брозовиќ постхумно се одликува за исклучително значаен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и неговите дијалекти, со што ја задолжи македонската култура и македонската лингвистика ревносно промовирајќи ја на меѓународно ниво.
Пендаровски кажа дека 2024 е година на два големи јубилја: 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков и 80 години од Првото заседание на АСНОМ и основањето на современата македонска држава.
„Овие два големи јубилеја го даваат контекстот и на денешниов свечен настан, на кој им велиме благодарам, на шестмина заслужни странски македонисти. Велам странски, иако тие се и наши, бидејќи секој оној што го посветил животот на проучувањето и промовирањето на македонското јазично богатство, на нашата комплетна татковина, не може да биде сметан за туѓинец, ами за нашинец“, рече Пендаровски.