ЕКСДИРЕКТОРОТ ВАСЕВ И УШТЕ ТРОЈЦА ДОКТОРИ ОД ОНКОЛОГИЈА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ И ИЗМАМИ ПРИ ЛЕКУВАЊЕ НА БОЛНИ ОД РАК, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРЕСМЕТА ДЕКА СЕ ПРОНЕВЕРЕНИ 30 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЕКСДИРЕКТОРОТ ВАСЕВ И УШТЕ ТРОЈЦА ДОКТОРИ ОД ОНКОЛОГИЈА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ И ИЗМАМИ ПРИ ЛЕКУВАЊЕ НА БОЛНИ ОД РАК, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРЕСМЕТА ДЕКА СЕ ПРОНЕВЕРЕНИ 30 МИЛИОНИ ЕВРАФондот за здравство прави вонреден надзор со словенечки експерти, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска денеска издаде наредба за почнување на истрага за криминал на Клиниката за онкологија, но истовремено овој случај, како што беше кажано на денешниот брифинг со новинарите, влегува во чувствителна фаза. Истрагата е за лекувањето на болните од рак и за злоупотребата на пари од Буџетот, а наредбата за истрага е против 5 осомничени лица.

    Првиот, поранешен медицински директор Нино Васев, е осомничен за 7 набавки на лекови без јавна набавка, односно за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а и за едно дело измама во службата, казниво од 3 до 20 години затвор, кажа Скопскиот обвинител Гаврил Бубевски.

    Тројца доктори се осомничени за помагање во измама во службата. Поранешниот организациски директор Нехат Нухи исто така е осомничен за измама во службата.

    Обвинителката Ана Гоговска -Јакимовска кажа дека денеска од судот се побарани мерки на претпазливост за медицинскиот и за организацискиот директор. За Васев има и мерка оддалечување од работното место, што значи не смее да оди на работа. За тројцата осомничени лекари, нема предложено мерки за обезбедување присуство. Тие се осомничени за помагање, со препишување на терапијата на пациенти.

    Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје потоа соопшти дека на Васев му се опредлуваат мерки за претпазливост Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за јавување на службено лице во судот, Одземање на патна исправа и забрана за издавње нова и Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело. На Нухи му се определуваат мерки за претпазливост Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за јавување на службено лице во судот, Одземање на патна исправа и забрана за издавње нова.

    Од обвинителството велат дека набавувани биле лекови на реверс, пред склучување на договор за јавна набавка во Министерството за здравство и без согласност од Фондот за здравство. Фактурите биле доставени до клиниката без јавна набавка, иако мора да има согласност од Фондот.

    Од 2018 до 2022 година, осомничениот Васев не ги фактурирал набавените лекови од биолошката терапија, и тие биле над буџетот на годишно ниво. Препишувани се лекови на пациенти со недоследност во дозирањето. Ова значи дека е требувана вишок терапија на име на пациентите.

    „Фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите без согласност од ФЗОМ. За да сите овие набавки и склучени договори предизвикаат правно дејство мора да имаат согласност од ФЗО, без неа, немаат правно дејство. Во периодот од 2018 до 2021 година, осомничениот медицински директор не ги фактурирал лековите од биолошката терапија кон ФЗО, биле преземани обврски над определениот годишен буџет, Клиниката вршела делење на набавката на ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавување на оглас во неколку наврати за краток временски период. Она што е карактеристично за оваа постапка е недостатокот за транспарентност и субјективно однесување на учесниците во постапката. Ова отвора можност за коруптивни практики. Оваа постапка за преговарање без оглас се смета за постапка која не треба да се користи, освен доколку ситуацијата не дозволува спроведување на други постапки за доделување на договори за јавни набавки“, рече обвинителката на овој случај.

    Од обвинителството велат дека нема докази за дадено помалку лекови или физиолошки раствор, но биле препишувани скапи лекови од новите генерации лекови од биолошки лекови на ден пред смрт на пациентите, иако се знаело дека нема лек за пациентот.

    Не се најдени податоци дека се препишувани лекови на починати пациенти, а прегледани се 25 илјади електронски записи и 500 физички записи.

    Со попис е утврдено дека не постои запис за состојбата на залихите. Во евиденција постои разлика меѓу месечните издадени рецепти во аптеката и издадените лекови на клиниката. Направен е хаос поради што не може да се утврдат неделните, месечните и годишните залихи.

    ФЗО прави вонреден надзор со словенечки експерти, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата.

    Обвинителката се заблагодари на пациентите и на семејствата и ја остави вратата на Обвинителството отворена за да ги пријават сите сомневања и недоследности на Клиниката за онкологија.

    Околу 1.817.520.000 денари е користа со која се здобиле осомничените во овој случај, што е речиси 30 милиони евра.

    Каде одел вишокот набавувани лекови без тендер, се истражува во моментов. Според добиените податоци од колегите обвинители од Косово преку меѓународна соработка, засега нема докази дека на црниот пазар во Косово или на тамошните клиники завршувале набавените лекови од страна на Васев, а обвинителите чекаат одговор од колегите од Албанија.

    Истрагата се однесува на периодот од 2017 до 2022 година, додека Васев бил директор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира