Во Косово денеска стапи на сила новата регулатива со која сите исплати и трансакции во земјата ќе се вршат во еврата. Косово ја усвои оваа валута уште во 2002, иако не е членка на еврозоната и на Европската Унија.
Од косовската влада појаснија дека со оваа уредба не се забранува динарот, туку со неа се регулираат трансакциите со готовина. Вицепремиерот Бесник Бислими кажа дека владата ќе обезбеди транзициски период за да можат граѓаните да се прилагодат на уредбата на Централната банка на Косово. Тоа беше побарано и од Европската Унија, која изрази загриженост како одлуката за укинувањето на динарот би можела да влијае врз секојдневниот живот на косовските Срби.
Бислими кажа дека со новата уредба ниту се дозволува, ниту се забранува динарот во Косово.
„Тој не беше дозволен ни порано, па оваа уредба не може да го забрани. Целта на оваа одлука е да се заштитат потрошувачите и платниот систем на Косово“, рече Бислими.
Иако го усвои еврото, Косово со години ја толерираше употребата на динарот, па тамошните Срби примаа плати и пензии во оваа валута.