Кога ќе ја погледнете изложбата на Ангел Димовски-Чауш со слики, слики-објекти, цртежи, акварели во кои истражува и создава комбинирајќи и употребувајќи невообичаени и несликарски материјали, ќе се прашате колкаво инвентивно богатство се криело во еден ваков навидум едноставен човек, рече уметникот Гоце Божурски на неодамнешното отворање на ретроспективната изложба во Чифте амам.
Изложбата „50 години творештво“ ќе биде отворена до 20 февруари.
Делата на Димовски- Чауш, кој живее на релација Македонија-Франција, творени во текот на изминативе педесет години, имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини. Куратор е Љупчо Маленков, а соработник куратор е Горанчо Ѓорѓиевски, кустос во Националната галерија на Македонија (НГМ).
„Кога во средината на 1980-тите за првпат имав прилика да видам дела на Чауш, мислев дека тоа се остварувања на автор кој веќе е во зрела старосна и творечка доба. Таквиот впечаток се должеше на убедливоста, на зрелоста, ликовно-естетската профилираност и уметничка изграденост на неговиот израз, на восхитувачката, непосредна доживувачка приемчивост на скулптурите. Дури подоцна, од неговата биографија сфатив дека меѓу нашата возраст разликата е само 5/6 години, ама ми се чинеше дека тоа што тој уште на стартот го создава за мене е недофатливо, недостижно. Респектибилното чувство уште од тие моменти ниту избледело, ниту се намалило. Ете затоа и неговиот прекар Чауш, кој му е уште од средно уметничко, баш му прилега (а чауш е чин во османлиската војска, а го означува оној кој заповеда, оној кој издава наредби). Додуша, бидејќи бев претседател на средношколска младина, некои и мене ме викаа „ќато“ или „чауш“, ама тоа траеше само во тој период. Значи, не сум бил роден за таква титула. Ама, Чауш си е Чауш, еднаш засекогаш“, рече Божурски.
Божурски исто така кажа дека Димовски-Чауш веќе го пронашол својот естетски принцип, кога го оформил, го вообличил, го „искристализирал“ ликовниот скулпторски ракопис, му било сосема јасно дека „се пронашол како автор“ така што ниту имал потреба од некакви промени, ниту пак некој од уметничката фела тоа го очекувал.
„Тоа по што го распознаваме низ овие пет децении само продолжи да се доусовршува, дефинира и да се етаблира на македонската ликовна сцена како трајна вредност, како стабилен, истраен, искрен, непроменлив, непоколебливо оформен уметник“, рече Божурски.
Тој кажа и дека Чауш беше еден од првите приклоници и протагонисти на хипи движењето во нашата земја, и токму тие склоности однеле на далечни дестинации, студиски и туристички патувања.
„Сосема очигледно е дека до последниот атом во неговите артистички дамари се уште егзистираат нескротливи креативни импулси, а неговата душа освен уметност ја исполнува и неговото семејство. Ете, затоа се вели-цело е кога има се“, рече Божурски.
Б. НЕСТОРОСКА