ПОЧНА УРИВАЊЕТО НА АВТОБУСКАТА СТАНИЦА ВО ШТИП, НА НЕЈЗИНО МЕСТО ЌЕ СЕ ГРАДИ „ЛИДЛ“ МАРКЕТ И МИНИ СТАНИЦА

    ПОЧНА УРИВАЊЕТО НА АВТОБУСКАТА СТАНИЦА ВО ШТИП, НА НЕЈЗИНО МЕСТО ЌЕ СЕ ГРАДИ „ЛИДЛ“ МАРКЕТ И МИНИ СТАНИЦАНа истата локација во текот на ова лето ќе се изгради нова мини автобуска, а до конечната изградба во функција и натаму ќе биде дел од постојната Автобуска станица. (Фото: СДК.МК )

    Започна уривањето на постојната автобуска станица во Штип, на чија локација е планирана изградба на вториот „Лидл“ маркет во градот. Паралелно со уривањето, на околу дваесетина метри од сегашниот објект, во близина на градскиот стадион, веќе се гради нова мини автобуска станица со пет перони.

    Според договорот меѓу сопственикот на автобуската станица „Анго“ ДООЕЛ Скопје и Општина Штип, со измените во урбанистичкиот план се овозможува изградба на трговскиот објект, додека новата автобуска инфраструктура ќе биде сместена на дел од истиот поширок простор кон брегот на реката Брегалница.

    Раководителот на работите околу автобуската станица, Емил Шестаков, изјави дека со компанијата „Лидл“ е договорено во најскоро време старата станица целосно да биде срушена, а новата мини автобуска да биде завршена и ставена во функција во текот на летото. Додека траат градежните активности, ќе продолжи да функционира постојната автобуска станица.

    „Се обидуваме и во вакви околности да ја извршуваме нашата основна дејност, иако во последните десетина години бележиме пад од над 30 проценти во автобускиот превоз и бројот на патници“, изјави Шестаков, додавајќи дека сè почеста е употребата на комби-превоз на штета на редовните автобуски линии.

    Компанијата „Анго“ ДООЕЛ Скопје е сопственик на автобуската станица од 2004, кога ја презеде од тогашното претпријатие „Исток транс“, подоцна „Балкан Експрес“. По преземањето, беше извршена реконструкција и доградба на станицата, која важеше за една од посовремените во земјата, со повеќе од десет перони и засебна чекална.

    Според најавите, новата мини автобуска станица ќе има пет перони, значително помалку од досегашниот капацитет, што се образложува со намалената фреквенција на патници и линии.

    Во меѓувреме, се одвиваат и подготовките за изградба на вториот „Лидл“ маркет во градот. Првиот веќе е во завршна фаза во населбата „8 Ноември“ и се очекува наскоро да биде отворен.

    Инвеститор на проектот е „Акта Инвест груп“ ДОО Штип, која располага со простор од околу 6.500 квадратни метри и најавува вработување на неколку стотици лица. „Лидл“ е дел од меѓународен синџир со присуство во 32 земји и над 11.000 продавници.

     Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира