Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, познато како ПУИГ, почна со изградба на зграда на Јужен булевар, во центарот на Скопје. На местото на некогашниот објект кој беше салон за мебел, а со години беше руиниран, затрупан со ѓубре, претворен во депонија и место за бездомници, ќе никне зграда со приземје и седум ката. Стариот објект е веќе урнат, а градежна механизација сега работи на расчистување на просторот.
Зградата ќе има 112 станови и два влеза, а маркичка е предвидена со Деталниот урбанистички план (ДУП) за овој дел од градот. Становите ќе се продаваат на јавна лицитација, а на првата која се одржа на 2 февруари беа понудени и продадени 70 станови.
„На усното, јавно наддавање беа продадени сите 70 објавени станови. Почетната цена по метар квадратен на која купувачите лицитираа изнесуваше 1.450 евра, а просечно постигнатата е 1.672 евра. Изградбата на оваа комерцијална зграда е предвидена во годишната програма на Владата за изградба, продажба и одржување, а предвидениот рок за нејзино завршување е 3 години“, велат од ПУИГ.
За останатите 42 станови ќе се одржи нова јавна лицитација.
А. АНТЕВСКА