ДРЖАВАТА ТРЕБАЛО ДА ГО ЗАШТИТИ НОВИНАРОТ НА СДК.МК ГОРАН ТРПЕНОСКИ И ДА МУ ОВОЗМОЖИ ДА ЈА ИНФОРМИРА ЈАВНОСТА ЗА НАПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ 2017, ВЕЛИ УСТАВНИОТ СУД

    ДРЖАВАТА ТРЕБАЛО ДА ГО ЗАШТИТИ НОВИНАРОТ НА СДК.МК ГОРАН ТРПЕНОСКИ И ДА МУ ОВОЗМОЖИ ДА ЈА ИНФОРМИРА ЈАВНОСТА ЗА НАПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ 2017, ВЕЛИ УСТАВНИОТ СУДУставниот суд вели дека Трпеноски бил оневозможен како новинар да ги изрази своите мислења и идеи без страв. - Толпа влегува во Собранието на 27 април 2017 (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд на денешната седница утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот на САКАМДАКАЖАМ.МК Горан Трпеноски согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот.

    Според Судот, Трпеноски, какo новинар вработен во дигиталната редакција „Сакам да кажам“, заедно со други новинари, бил присутен во зградата на Собранието, со задача да известува за случувањата околу изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од јавен интерес, на начин што е вообичаен за известување на медиумите за работата на Собранието, на 27 април 2017 година.

    Уставниот суд вели дека Трпеноски бил оневозможен како новинар да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што од страна на државата не била исполнета нејзината позитивна обврска – да го заштити подносителот на барањето во наведените вонредни и насилни околности и да овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието.

    „Ова е пропуштено да се утврди со пресудите на Граѓанскиот и на Апелациониот суд, со што е сторена повреда на неговата слобода на мислата и јавното изразување на мислата гарантирана со член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија“, велат од Уставниот суд.

    Апелациониот и Основниот граѓански суд ја отфрлија тужбата на Трпеноски против државата зашто на 27 април 2017 година за време на организираниот напад на Собранието, не го заштити како новинар, а му го загрози и правото да известува за нападот. Во образложението на пресудите на двата суда стои навредлива квалификација дека ниту тужителот бил новинар, ниту САКАМДАКАЖАМ.МК е медиум, зашто онлајн медиумите законски сè уште не се регулирани.

    Апелациониот суд смета дека државата исплаќа отштета само за претрпен страв од телесни повреди или за смртни последици, додека за претрпен страв од настаните, од насилствата, го упатува тужителот евентуално да ги тужи осудените за 27 април, кои се на издржување на затворски казни.

    Според Уставниот суд, слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето ја опфаќа слободата на јавното информирање и примање, пренесување на информации, што претставува една од основите на демократското општество, бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество.

    „Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес, без ограничувања со цел информирање на јавноста“, велат од Уставниот суд.

    Во јануари, Уставниот суд, исто така, утврди дека на новинарката Душица Мрѓа ѝ била повредена слободата на изразување на мислата, за време на нападот во Собранието на 27 април. И на Мрѓа ѝ беа отфрлени тужбите во Основниот граѓански и Апелациониот суд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира