Христа Најданов е именуван за в. д. директор на Државниот архив на Македонија, велат од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК. На седницата на 30 јануари, Владата го разрешила Емил Крстески од функцијата в. д. директор поради именување на друга должност. Крстески е нов амбасадор на Македонија во Прага. Директор на Архивот беше од 2019.
Најданов дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Постдипломски студии за комуникација и менаџмент на културни политики завршил на Универзитетот „Лумса“ во Рим, Италија, а во меѓувреме положил и правосуден испит.
Својата професионална кариера ја почнал како стажант во Апелациониот суд во Скопје во периодот од декември 1996 до септември 1997, кога преоѓа како стажант во адвокатската канцеларија „Жарко Пановски“. Најданов работел како адвокат во адвокатска канцеларија од декември 2003 до јуни 2021, кога станал советник за нормативно-правни работи во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје, каде што работниот однос во моментов му мирува.
Од 2017 до ноември 2021 бил советник во Советот на Град Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА