Техничкиот премиер Талат Џафери достави предлог до претседателот на Собранието Јован Митрески на првата наредна седница Собранието да ги разреши министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Двајцата министри предложени за разрешување се од Алијанса за Албанците и се на страната на претседателот на партијата Арбен Таравари во внатрепартискиот судир со поранешниот лидер на партијата Зијадин Села. Алијанса има уште еден министер во владата, Кренар Лога, кој е од крилото на Села.
На местата на Меџити и Алиу, Управниот совет на Алијанса ги предлага Илир Демири за министер за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.
Министерот за здравство Меџити, кој 11 месеци е на оваа функција како кадар на Алијанса за Албанците, денеска рее дека нема да поднесе оставка.
„Прво да видиме дали ќе бидеме разрешени. Собранието и пратениците ќе одлучат кој ќе биде министер”, рече Меџити.